Берлински филмски фестивал: Македонскиот филм ги отвара европските врати, копродукциите и актулените теми се приритет пред европските фондови

На денешниот состанок со Харалд Третенбрејн и Луциа Рикалдо, раководители со европската канцеларија на „МЕДИА Креативна Европа“ со македонскиот министер за култура Асаф Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија беше разговарано за можностите и критериумите со кои нашите проекти би добиле поголема поддршка од програмите на овој европски фонд. Средбата се одржа во рамките на активностите за промоција на македонската кинематографија на годинешното издание на Берлинскиот филмски фестивал.

„Со успехот на „Господ постои,нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска што утревечер ќе ја има својата премиера во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, потоа со успехот на “Медена земја“ на фестивалот во Санденс, мaкедонската кинематографија доживува експанзија во пробив вон границите, а тоа ќе донесе уште многу други одлични можности за нашите филмски автори и поголема поддршка од европските филмски фондови, изјави директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија по денешниот состанок со раководителите на европската канцеларија на „МЕДИА Креативна Европа“.

Министерот за култура Асаф Адеми,истакна дека се радува на успехот на македонскиот филм,иако е свесен дека заложбите се големи од професионалците и Агенцијата за филм кои не располагаат со големи буџети.

„Ние сме мала земја која има економски пробелеми и за жал дава приоритет на други сегменти од развојот на општетството. За културата и филмот не можеме да одвојуваме многу средства но затоа со поддршка на европските фондови би можеме да постигнеме повеќе резултати. Горди сме на успехот што филмот го доживува оваа година, благодарение на нашите креативни автори и заложбите на Агенцијата за филм“, рече Адеми.

Според Третенбрејн, ако се разгледаат бројот на апликациите Македонија има повеќе пријави во МЕДИА од некои други наши соседни земји и се надева дека во иднина ќе има повеќе поддршка но треба да се следи фокусот на интерес на темите и се разбира квалитетот на проектите.

„Сите кинематографии што доаѓаат од малите земји мора да се фокусираат на тоа да обезбедат копродукции и на тој начин полесно ќе ја добијат поддршката од европските фондови. Потребно е да се обрне внимание и на темите што се во актуелен интерес во филмот, да се задржи автентичноста на кинематографијата и таа квалитетно продукциски да се спакува“, рече Третенбреј.

Средбата се одржа пред утрешната премиера на филмот „Господ постои,нејзиното име е Петрунија“ кој меѓудругото е поддржан од оваа европска програма.

Адеми: Сите документи за одлуките на Комисиите ќе бидат повторно јавно разгледани

Независно од кредибилитетот на Институцијата или поединецот што конкурирал за средства во Министерството за култура, ако тој не доставил соодветна документација, нормално е Комисијата да одлучи негативно, вели министерот за култура Асаф Адеми. Вака тој ги коментира скандалозните реакции на оние што негодуваат по резултатите објавени од поддршката на конкурост на Министерството за култура. Тој тврди дека Комисиите најодговорно ја завршиле својата работа, но исто така дека сите оние што се жалаат на одлуките ќе имаат можност нивните документи да бидат уште еднаш транспарентно разгледани пред целата јавност.

„Оние кои гласно ги коментираат одлуките за поддршка на проектите, и сметаат дека тие се неправедни ќе имаат можност нивните пријави да бидат разгледани уште еднаш. Не станува збор за никакво фаворизираше или пак отстранување, одлуките се донесени по пат на бодување и исполнување на критериумите“,вели Адеми.

За реномираните фестивали што не добија поддршка како Џез фестивалот и Офф фест, Адеми вели дека не ги исполниле административните критериуми.

„Ова се фестивали со многугодишно реноме, и самиот сакам да ги посетувам,но навистина не знам зошто за нивните организатори не би важеле истите административни критериуми како за другите. Останувам на ставот да се залагам за култура за секого и за сите и тоа подразбира дека секој има еднаква можност да конкурира и да ја добие поддршката согласно со бодувањето, вели адеми.

Адеми моментно престојува во Берлин каде што денеска се сретна со Харалд Тлетенбраин и Лусиа Рикалдо од европската канцеларија на Креативна Европа МЕДИА а ќе ја проследи и премиерата на македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска што ќе се одржи утревечер во рамките на официјалната програма на овогодинешното издание на Берлинскиот филмски фестивал.

Од Берлин Ана Василевска

2019-02-10T15:45:36+00:00