Благој Веселинов е официјален учесник во програмата „Shooting Stars“ 2019 на 69 издание на Берлински филмски фестивал

Македонскиот актер, Благој Веселинов е официјален учесник во програмата „Shooting Stars“ или „Европски филмски ѕвезди“ на претстојното 69 издание на престижниот Берлински филмски фестивал 2019.

Настанот „Европски филмски ѕвезди“,како дел од Берлинале
(07-17.02.2019), годинава, по 22 пат по ред, ќе започне на 8 февруари кулуминирајќи со свечена церемонија на доделување на наградите во Берлинале Паласт, на 11 Февруари.

Благој Веселинов официјално е одбран како еден од десетте најдобри млади европски актери, кои покрај тоа што ќе имаат чест да бидат јавно претставени на фестивалот како ѕвезди во подем, ќе бидат и дел од посебна платформа која нуди единствена можност за остварување на директни средби со кастинг директори, продуценти и воопшто филмски професионалци од целиот свет. Ова е голем успех на Благој Веселинов, не само како признание на неговата досегашна работа, туку како отворање на широка врата за негова меѓународна кариера, а воедно и за Македонија кон светската кинематографија.

Благој Веселинов е по потекло од Кочани, дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје и во прилог на неговата успешна кариера се повеќе од 50 театарски претстави и бројни филмски улоги во краткометражни и долгометражни филмови, меѓу кои: „Исцелител“, „Како да ме нема“, „Панкот не е мртов“, „Балканот не е мртов“, „Година на мајмунот“, „Ослободување на Скопје“ и други.

Неговото последно актерско остварување, улогата на Веле во филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски е круцијално за жирито на Берлинскиот филмски фестивал да го одбере за учесник во програмата и да ја истакне својата импресионираност од неговата изведба на ликот каде што „мошне умешно покажува длабока и изненадувачка чувствителност, а истовремено иако многу суптилно, умно и контролирачки прави пресврт покажувајќи ја својата искрена врска со неговиот лик“.

Во рамките на оваа програма Македонија досега учествувала со две актерки – Лабина Митевска (1998) и Наташа Петровиќ (2011).

Во ова издание на Берлинскиот филмски фестивал член на жирито е и македонската режисерка Теона Стругар-Митевска, а покрај неа, членови на жирито што ги избра талентите годинава се: американската кастинг-директорка Ејви Кауфман, филмската критичарка Тара Карајица од Србија, продуцентот Макдара Келехер од Ирска и исландската актерка, „Европска Филмска ѕвезда“ од 1999 година, Ингвар Сигурдсон.

Благој Веселинов како „Европска филмска ѕвезда“ е всушност уште едно големо признание во низата такви на филмот „Исцелител“ кој е и македонскиот кандидат за наградата „Оскар на полуларноста“ 2018 за филм од неаглиско говорно подрачје која ја доделува Американската Академијата за филмски уметности и науки.

2019-01-31T11:20:51+00:00