Агенцијата за филм со големо задоволство објавува дека гигантот на телевизиската продукција, американската компанија НЕТФЛИКС ќе снима мини Тв серија во Република Северна Македонија во соработка со продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“.

Серијалот е насловен „Во вечерта“, главен  продуцент е белгиската продуценска куќа „Ентре Шиен е Лу“ од Белгија, раководена од еден од најуспешните европски продуценти Себастиен Делои. Првиот дел од серијалот ќе се снима во Република Северна Македонија, а локациите ќе бидат на скопскиот аеродром ТАВ.

Продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“покрај серијалот со Нетфликс најавува уште еден голем меѓународен проект, „Сирена во Париз“кој е веќе откупен од Sony Pictures,  и е белгиско-француско македонска копродукција. Автор на проектот е Матијас Малзиес кому ова му е прв игран филм. Филмот ќе се снима шест недели во Македонија, на екстериери во Битола и околината и студиски снимања во Скопје, во студијата на ФХ3Х. Кастот на филмот го сочинуваат големи француски ѕвезди.

Успесите на македонската кинематографија продолжуваат секојдневно да се нижат, документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, македонскиот победник на „Санденс“од 26 јули ќе се прикажува во кината во САД.

Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли Ројал“ во Лос Анџелес и „Куад синема“ во Њујорк.

„Медена земја“ ќе може да го погледне и публиката во Австралија на 31 јули на фестивалот Stronger Than Fiction во Канбера, а на 2 и 18 август во Мелбурн, а во текот на летото продолжува учеството на филмските фестивали, меѓу кои и на еден од најголемите во регионот, „Сараевскиот филмски фестивал“, кој ќе се одржи од 16 до 23 август.

Краткиот игран филм „Скаут“ на Алекс Цветков  ќе биде прикажан на престижниот филмски фестивал  „LA Shorts“ од каде се квалификуваат филмови за Оскар и БАФТА.

Во периодот кој следува, во земјава речиси истовремено ќе се снимаат пет играни филмови „Стела“ на Дрим фектори,„ Сестри“ на Дина Дума,„ М“ на Фокус Покус, „Снежана умира на крајот„  на Кристијан Ристевски и македонско-турската копродукција „Најтешкото нешто“ и една ТВ серија „Зоки Поки“ во продукција на Кино Око.

Агенцијата за филм успешно ја зајакнува и развива институционалната поддршка како за македонските продукции и препознавањето на квалитетни проекти, така и за привлекување на странски филмски продукции да работат во Македонија.

Годинава македонското знаме ќе се најде на светската мапа на Нетфликс и после учествата на најголемите филмски фестивали Берлин, Санденс, Венеција, Кан, македонската кинематограгија ќе ја забележи најголемата меѓународна присутност од нејзиното постоење до сега.