„Господ постои името и е Петрунија“ се најде на листата од пет филмови кои со големо задоволство Европската Филмска Академија и Филмскиот Фестивал во Хамбург ги номинираа за Наградата за филм на Европски универзитет – European University Film Award (EUFA).

Наградата е воведена во 2016 година и ја доделуваат универзитетски студенти од цела Европа.

Трочлена меѓународна комисија составена од претставници од одделот за долгометражен игран филм и одделот за документарен филм на ЕФА, во состав, Карло Креста-Дина, продуцент од Италија, Јоана Шуманска, член на бордот на ЕФА и продуцентка од Полска и Дагмар Брунов од Линаеус Универзитет во Шведска, ги обајвија номинациите за петте филмови кои се во трка за Наградата за филм на Европскиот универзитет (ЕУФА).

Покрај номинацијата за нашиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“ копродукција помеѓу Република Северна Македонинја, Белгија, Словенија, Франција и Хрватска, по режија на Теона Стругар Митевска, сценарио на Елма Татарагич и Теона Стругар Митевска, а во продукција на Лабина Митевска, номинирани се и следниве филмови:

And Then We Danced – Da Chven Vitsekvet, копродукција меѓу Шведска, Грузија, Франција, сценарио и режија на Леван Акин, a во продукција на Матилде Дедие и Кети Данелиа.

Piranhas, La Paranza Dei Bambini, Италија, во режија на Клаудио Џованеси, по сценарио на Роберто Савиано, Клаудио Џованеси и Маурицио Браучи, а во продукција на Карло Дељи Еспосити и Никола Сера.

Portrait of a Lady on Fire – Portrait De La Jeune Fille En Feu, Франција, пo сценарио и режија на Селин Шама, а во продукција на Бенедикт Кувре.

System Crasher- Systemsprenger, Германија, по сценарио и режија на Нора Фингсхејт, а во продукција на Јонас Вејдеман, Питер Хартвиг, Јакоб Вејдеман и Фраук Колбмулер.

Номинираните филмови ќе бидат гледани и дискутирани на 25 универзитети во 25 земји и секоја институција ќе го избере својот омилен филм. На почетокот на декември, еден студентски претставник од секој универзитет ќе присуствува на тридневна расправа за одбирање на филмот кој ќе ја освои наградата.

Победникот ќе биде објавен на 5 декември, а презентацијата ќе се одржи на 6 декември, во пресрет на 32 Европски награди за филм, на 7 декември во Берлин.

Целта на оваа иницијатива на Европската Филмска Академија (ЕФА) и Филмфест Хамбург е да се вклучи помлада публика, да се шири „европската идеја“, да се пренесе духот на европското кино помеѓу публика од универзитетски студенти како и да се поддржи дисеминација на филм, филмско образование и култура на дебатирање.

Наградата за филм на Европскиот универзитет 2019 е овозможена со поддршка на Јоаким Херц Стифтунг и Министерството за наука, истражување и еднаквости на Хамбург, и во тесна соработка со – Европската мрежа за студии за кино и медиуми (NECS–European Network for Cinema and Media Studies).

За Република Северна  Македонија, филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ со самата номинација несомнено донесе уште едно меѓународно филмско признание.