„Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, се најде на листата на номинирани филмови од страна на Европска Филмска Промоција и Арапски Кино Центар  за наградата Арапска критика за европски филмови.

Тие објавија листа од 24 номинирани филмови од различни европски земји. Овие филмови во моментов ги гледаат 42 филмски критичари од 13 арапски земји за да го изберат најдобриот европски филм од пријавените од страна на националните институции за промоција на филм.

Домакин на годинашното издание на церемонијата на доделување на наградите што треба да се одржи во ноември, ќе биде Меѓународниот Филмски Фестивал во Каиро (CIFF).

Арапскиот кино центар е основан како непрофитна организација во Амстердам во 2015 година и тоа е платформа за промоција на арапската кинематографија и поврзување со филмските работници од цел свет како и за развивање на мрежа меѓу компаниите специјализирани за копродукција и меѓународна дистрибуција.

Меѓународниот филмски фестивал во Каиро (CIFF), основан во далечната 1976 година, е единствениот меѓународно акредитиран фестивал за филм во арапскиот свет, Африка и Блискиот Исток.