“Господ постои, името и’ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска ја доби престижната Одисеј – награда за Човекови права на Советот на Европа , Odyssée Conseil de l’Europe aux Droits de l’Homme .

Наградата ја додели жирито на настанот „Европски кино ѕвезди и платно“ составено од 10 амбасадори во Советот на Европа, заменик-генералниот секретар на Советот на Европа, директорот на кабинетот на генералниот секретар на Советот на Европа и извршниот директор на „Еуроимаж“, Роберто Ола.

Наградата се доделува еднаш годишно, по деветнаесети пат, и тоа за две категории, за особена уметничка креација и за човекови права. Минатогодишниот добитник за уметничка креација е големиот турски режисер Нури Билге Чејлан за филмот “Дивата Круша” во кој Македонија преку продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски беше копродуцент, а оваа година  наградата ја доби Павел Павликовски за неговиот филм Студена војна.

На вчерашната свечена церемонија во киното Одисеј во Стразбург и беше врачена наградата на режисерката Теона Стругар Митевска и беше организирана вечера со амбасадорите од Советот на Европа.

Месец ноември е исто така плоден месец за Петрунија со дваесетина учества на фестивали низ целиот свет.

На Торино Филмски Фестивал, на Теона Стругар Митевска и беше одадена особена чест со ревија на нејзините филмови, а ќе биде дел и од жирито за главната награда. По фестивалот филмот ќе се прикажува во редовниот кино репертоар.

Петрунија успешно беше прикажан во Шпанија на фестивалот во Севиља, а при крајот на годината тргна во редовна кино дистрибуција во оваа земја. Ќе се прикажува на филмските фестивали во  Тајван, Таипеи ,Golden Horse, во Љубљана, Загреб, Израел – Арава, Гренобл, Белрад – Слободна Зона,  Холандија -Источни Соседи, Германија, женскиот фестивал во Минхен и Туринген, Индија – Драмшала, Швајцарија – Thusis Cinema days, Обен – Франција , Литванија European Film Forum SCANORAMA, Луксембург како и во Египет на ИФФ Каиро.

Како еден од трите финалисти за Lux наградата од Европскиот парламент во месец ноември филмот ќе биде прикажан во 46 кино сали, во сите 28 Европски земји, и ќе биде преведен  на сите 24 јазици кои се зборуваат во Европа. Доделувањето на престижната награда на победничкиот филм од страна на Европскиот парламент ќе се одржи на27 Ноември во Стразбург.

Во тек се промотивните предпремиери низ цела Германија каде на 16 ноември започнува дистрибуцијата на Петрунија во 50 киносали низ целата земја. Во ноември започнува кино прикажувањето и во Романија и Србија.