Македонија со „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска во главна конкуренција на Берлински филмски фестивал

Агенцијата за филм на Република Македонија и Сестри и Брат Митевски со особено задоволство и голема чест објавуваат дека Македонија за прв пат во историјата на Македонската кинематографија ќе земе учество во главната програма на Берлинскиот филмски фестивал со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“  на Теона Стругар Митевска. Со ова учество Македонија после 25 години повторно ќе биде дел од главната конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот, Берлин, Кан, Венеција. Чекањето за влез на големите порти , по успехот на вонсерискиот „Пред дождот“ конечно е завршено.

Дејството во филмот се случува во Штип, мало гратче во Македонија, каде секој јануари локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со нуркање сакаат да дојдат први до него. Среќата и просперитетот се загарантирани на човекот кој ќе го фати прв. Петрунија е главниот лик, кој неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни од смелоста на една жена да учествува во нивниот ритуал, настанува општ хаос. Петрунија си останува на своето место, со крстот и нема намера да се откаже.

Новата 2019 година во целата историја на македонската кинематографија започнува највозвишено и најгламурозно, со високо респектабилен настап на Берлинскиот филмски фестивал, во три различни области, најпрвин филм во официјална натпреварувачка програма „Господ постои, името и’ е Петрунија “, потоа нашата филмска ѕвезда Благој Веселинов, гордо ќе застане зад номинација за „Ѕвезда во подем“ – Shooting star“ и младата актерка Сара Климоска ќе биде дел Берлинале Талент 2019.

Кога проектите ќе се одбираат по својот квалитет, по својата препознатливост и оригиналност, многу извесно е дека креативноста и вложениот труд ќе биде препознаен и награден.

2019-01-31T11:10:13+00:00