Долгометражниот игран филм „Глас“ во режија на Огњен Свиличиќ, на 14-ти ноември ќе ја доживее Македонската премиера како дел од програмата МК во ЕУ на  овогодинешното издание на Фестивалот на Европски Филм Синедејс.

По светската премиера во Бусан, каде што беше одлично прифатен од публиката, филмот имаше европска премиера на Интернационалниот Филмски Фестивал во Варшава по што фестивалскиот живот продолжи на фестивалот во Котбус, Германија каде беше дел од натпреварувачката програма.

Сценариото за филмот го напишаа Огнен Свиличиќ и Маријана Верхоев, директор на фотографија е Маринко Маринкиќ, сценограф е Ивана Шкрабало, костимографијата е на Емилија Ивановска-Атанасовска, снимател на звук Игор Поповски, а монтажата на Наташа Пантиќ. Продуцент на филмот е Дамир Терешак,  а ко-продуценти се Томи Салковски и Николина Вучетиќ.

Улогите ги толкуваат: Франко Јаковчевиќ, Белма Салкуниќ, Игор Ковач, Карла Брбиќ, Барбара Вицковиќ.

Филмот е копродукција помеѓу Максима филм од Хрватска, Скопје Филм Студио и Биберче продукција од Србија.

„Глас“ е приказна за младо момче кое пристигнува во католички интернат, каде што дава отпор на верските практики на училиштето и  учениците и наставниците го сметаат момчето за прилично чудно.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Хрватската радиотелевизија и Филмскиот центар на Србија.