Македонскиот филм „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ на режисерката Теона Митевска, по селекцијата во Берлин, успехот во Пула и неколку други филмски фестивали, влегува во трка за престижната награда „Лукс“ што ја доделува Европскиот Парламент, кој по тој повод одржа конференција за печат на која се обрати новоизбраниот претседател Давид Мариа Сасоли.

За најновиот филм на Теона С. Митевска на прес конференцијата беше истакнато дека станува збор за „Моќно филмско дело кое ја раскажува приказната за една жена која е дел од религиозна церемонија каде имаат пристап единствено мажите, чин што значително придонесува за феминистичката борба на оваа жена – најакутното социјално прашање на нашето време, кое е интензивирано на Балканот“.

Филмот „Господ постои нејзиното име е Петрунија“  беше селектиран во првиот круг заедно со уште девет европски ко-продуцкии меѓу кои беше и филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов,  по што успеа да влезе  во најтесниот круг за избор на оваа престижна награда.

Проекцијата на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ организирана од наградите „Лукс“ ќе биде на престојниот филмски фестивал во Венеција.

Заедно со „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ снимен во копродукција сo Белгија, Словенија, Хрватска и Франција во режија на Теона С. Митевска, се филмовите „Кралство“ на Родриго Сорогојен (Шпанија, Франција) и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер  (Данска, Норвешка, Шведска и Белгија).

Сите три филма имаат многу успешен фестивалски живот и се наградувани како „Нерешениот случај Хамарскјолд“ кој ја имаше својата премиера на филмскиот естивал во Санденс каде ја доби наградата за најдобра режија во програмата “World Cinema Documentary Competition“, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“, својата премиера ја имаше на Берлинале каде доби две награди од независно жири, а филмот „Кралство“ имаше премиера на  филмскиот фестивал во Сан Себастијан.

Новоизбраните членови на Европскиот парламент ќе бидат поканети да гласаат за еден од трите филма што се натпреваруваат, а победникот ќе биде објавен на 27 ноември на формалното заседание на Европскиот парламент во Стразбур.

Филмот победник, ќе биде обработен и прилагоден за лицата со оштетен вид и слух и ќе добие дополнителна поддршка за меѓународно претставување.

      Овогодинешните филмски денови „Лукс“ уште еднаш ќе се одржат во соработката со Канцелариите на Европскиот парламент и канцелариите на МЕДИА програмата низ Европа во соработка со Креативна Европа.

Во историјата на доделување на оваа награда по прв пат е селектиран македонски филм, заедно со оваа вест македонската кинематографија годинава постигнува максимална видливост од нејзиното постоење до денес на најпрестижните филмски фестивали Берлин, Кан, Венеција, Санденс, Лос Анџелес.