„Манаки, приказна во слики“ освои награда за најдобар документарен филм на SEE a Paris 2019

Документарниот филм „Манаки, приказна во слики“ ја освои наградата за најдобар документарен филм на деветтото издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа SEE a Paris 2019.

Филмот е во режија на Роберт Јанкуловски, по сценарио на Илинденка Петрушевска и Роберт Јанкуловски, монтажа, Блаже Дулев, музика, Дарко Спасовски, а во продукција на МЦФ филм продукција Скопје.

Филмот го опфаќа фотографското и филмското творештво на Јанаки и Милтон Манаки, првите сниматели на Балканот, кое е огромно и многу битно за македонската и балканската култура и документира збиднувања од 19 и 20 век.  Документаристичкиот начин на гледање на нивниот живот и дело во овој филм е преставен преку анимирани фотографии и снимен материјал во денешно време.

На фестивалот SEE a Paris кој се одржа во перидот 28-31.05.2019 год. во Париз, уште еден македонски филм беше награден со наградата за најдобро сценарио, тоа е играниот филм „Исмејување на Христа“ по сценарио и  режија на Јани Бојаџи.

Филмовите „Манаки, приказна во слики“ и „Исмејување на Христа“  финансиски се подржани од Агенција за филм.

2019-06-07T10:09:36+00:00