Филмот, „Медена земја“  кој е годинашен македонски кандидат за „Оскар“, и е во трка за најдобар документарец на „Европските филмски награди“,го продолжува својот успешен пат на светските филмски фестивали.

На „Синеист“ (CineEast), фестивалот што се одржува во Луксембург, „Медена земја“ ја доби наградата од публика за најдобар филм. Викендов ја доби и специјалната награда од жирито на Фестивалот на документарен филм „Вест лејк“ (West Lake), што се одржува во Хангжу во Кина.

„Медена земја“ деновиве ќе биде дел и од 27. издание на најзначајниот и најголемиот светски филмски фестивал посветен на филмската камера „Камеримиџ“ (Camerimage), што се одржува во Полска.

Филмот е дел од кратката листа на најдобри документарци за оваа година што ја објави Интернационалната документарна асоцијација (ИДА). Доделувањето на наградите на најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм ќе се одржи во студијата на „Парамонт“ во Лос Анџелес на 7 декември. Исто така, филмот доби и пет номинации за наградата Избор на критиката за документарци во САД. Тој е номиниран и во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа, како и за најпривлечен лик во документарец – за што е номинирана главната протагонистката во „Медена земја“– Атиџе Муратова. Доделувањето на наградите е на 10 ноември во Њујорк и е вовед во претстојните „Оскари“.

Во тековниот период „Медена земја“ има кинодистрибуција низ цела Македонија.

Филмот е финасиски поддржан од Агенцијата за филм.