Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland), македонскиот кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм, доби четири номинации, а освои две награди на Избор на критиката за документарци во САД (Critics’ Choice Documentary Awards). Режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов ја освоија наградата за најдобар прв документарен филм, а протагонистката во филмот – Атиџе Муратова ја освои наградата за најпривлечен лик во документарец.
Наградите им беа доделени на 10 ноември во Њујорк, од страна на Американското здружение на критичарите, и тие се многу релевантни репери за номинациите за „Оскар“, што ќе бидат соопштени во јануари 2020.

„Медена земја“ е еден од петте кандидати номинирани за најдобар документарец за 2019 година на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“ и за оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членови на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин, Германија.

„Медена земја“ деновиве освои многубројни нови престижни награди, на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло, Бразил филмот доби две признанија: награда на критиката за најдобар филм во меѓународната конкуренција и награда од жири за најдобар документарец во категоријата „Нови режисери“. Ја доби и главната награда на фестивалот Festival Ânûû-rû Âboro во Нова Каледонија, Океанија, потоа „Golden Gateway“, наградата за најдобар филм во меѓународната конкуренција на Jio MAMI Mumbai Film Festival with Star во Мумбај, Индија.

Се закити со специјалната награда од жири на меѓународниот фестивал на документарен филм „West Lake“ кој се одржува во Ханчоу во Кина. Следуваа: наградата од публика за најдобар филм на фестивалот во Луксембург, CinEast Festival, специјалната награда на Festival Cinemed во Монпелје, Франција и специјална награда за документарен филм на фестивалот „Девоур“ во Канада.

На 64. издание на меѓународниот филмски фестивал во Ваљадолид ја доби наградата „Espiga Verde“ – за најдобар филм во категоријата „Cine y Cambio Climático“ во која се прикажуваа филмови кои го третираат проблемот на климатските промени и природните ресурси.
Неодамна филмот беше прикажан на „Док Лајпциг“ во Лајпциг, Германија и на „Виенале“, интернационалниот филмски фестивал во Виена, Австрија.

На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) во САД ја доби наградата „Pare Lorentz“. „Медена земја“ е номиниран во уште три категории (најдобар документарен филм, најдобра режија и најдобра кинематографија), а победниците ќе бидат објавени на 7 декември во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес.

Претстои учество на филмскиот фестивал AJYAL во Доха, Катар, и на „Синевропа“ – фестивал во Сантјаго де Компостела, во Шпанија. „Медена земја“ ќе биде дел и од официјалната селекција на IDFA – најголемиот фестивал за документарен филм во светот кој се одржува во Амстердам, Холандија. Тоа, воедно, ќе биде и холандска премиера на филмот.

Во тек е промотивна кампања за номинација на филмот за најпрестижната филмска награда, „Оскар на популарноста“. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата филм.