Теона Стругар Митевска ја доби наградата за најдобра режија за „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Ba Ne FF 2020 AWARDS- Balkan New Film Festival.

Наградата за најдобра режија на Ba Ne FF- Balkan New Film Festival e 31-та награда по ред за „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“.

Филмот на Теона Стругар Митевска  ја имаше својата светска премиера  на Берлинскиот филмски фестивал во официјалната селекција во 2019 година. Од тогаш филмот имаше свои проекции на над 75 светски филмски фестивали и беше  дистрибуиран во над 30 земји ширум светот, вбројувајќи се во еден од најуспешните македонски филмови досега.

Приказната за Петрунија која неочекувано се фрла во водата за Водици и успева да го фати крстот пред стотиците мажи, при што го навлекува гневот предизвикан од смелоста на една жена да го наруши ритуалот ја освоји публиката низ светските кино-сали, како и стручните жирија.

Во рамките на Берлинскиот филмски фестивал ја доби наградата од независното жири „Ecumenical” и наградата „Guild Film Prize” .

“Господ постои името и е Петрунија”  ја понесе  и престижната награда на Европскиот парламент-Лукс (LUX PRIZE).

Истотака филмот  на Теона Стругар Митевска ја доби престижната „Одисеј“ – награда за Човекови права на Советот на Европа (Odyssée Conseil de l’Europe aux Droits de l’Homme). Извршниот директор на „Еуроимажс“, Роберто Ола, ја додели наградата нарекувајќи го “Господ постои, името и е Петрунија” величенствен филм.

Последна во низата награди е оваа награда за најдобра режија на Ba Ne FF 2020 -Balkan New Film Festival  кој ги претставува најновите филмови од Балканот.

Програмата на Фестивалот кој се одржа од 14 до 16 февруари во Стокхолм, Шведска беше концепирана како возбудлива мешавина од презентации на нови продукции, класици и документарни филмови, како и на серии дискусии на кои се разговараше за трендовите во филмската продукција на Балканот.