Флмот “Господ постои, името и’ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска се закити со уште три филмски награди.

На штотуку завршениот фестивал All About Freedom Festival “Господ постои, името и’ е Петрунија”  ја доби главната награда за најдобар филм. Фестивалот се одвива во Гданск, Полска и е поддржан од Европската комисија. Главната награда која ја освои Петрунија е парична во вредност од 7000 евра. Полскиот дистрибутер на филмот Aurora films планира да ја започне дистрибуцијата во Полска на почетокот на следната година.

На Филмскиот Фестивал во Тузла, Босна и Херцеговина “Господ постои, името и’ е Петрунија” ја освои главната награда „Златната Вила“ за најдобар филм.

Уште едно признание, овојпат за главната актерка доаѓа од штотуку завршениот Македонски филмски фестивал во Торонто, каде Зорица Нушева ја освои наградата за најдобра женска улога.

Во месец октомври, “Господ постои, името и’ е Петрунија”  патува дури на десет фестивали ширум светот, со што веќе се приближува на околу седумдесет фестивалски прикажувања досега на кои освои 25 филмски награди.