„Господ постои, Петрунија и е името“ освои GRAND PRIX – ЗЛАТНА МИМОЗА ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ на 33 Филмски фестивал во Херцег Нови – Црна Гора и тоа е уште едно тримфално фестивалско учество во низата од десет освоени филмски награди.

Жирито за селекција на долгометражен игран филм во состав: продуцентката Дуња Клеменц, претседателка, и членовите Винко Брешан, режисер, нашиот Никола Ристановски, актер, Јелена Мишељич, продуцентка и Никола Љука, режисер во своето образложение го окарактеризира филмот како „Политички провокативна, модерна бајка која одекнува, боли и засмејува“.

Филмот беше преставен во Црна Гора од тројцата актери Стефан Вујисич, Суад Беговски / Сухи и Илија Волчески. Наградата ја прими Стефан Вујисич од режисерката Марија Петрович, претседателката на одборот на фестивалот.

Во месец август  филмот „Господ постои, Петрунија и е името“ ќе биде прикажан на  седум фестивали ширум светот, на Филмскиот Фестивал во Мелбурн, Австралија, Интернационалниот Филмски фестивал Исток и Запад во Русија, понатаму во Јужна Кореа, на отварање на Seoul International Woman’s Film festival, на филмскиот фестивал во Полска како и на Сараевскиот филмски Фестивал.

Месец август ќе го затвори, односно на 31 август ќе има прoекција на големиот Венецијански филмски фестивал во селекцијата Денови на Авторите, Le Giornate Degli Autori каде влезе како дел од трите финалисти за престижната награда Лукс.

На Венецијанскиот филмски фестивал ќе биде прикажан уште еден македонски филм, краткиот филм Извидник – Scout на Алекс Цветков кој веќе забележа едно значајно фестивалско учество, односно беше дел од натпреварувачката програма на „Л.А. Шортс“, Лос Анџелес, Калифорнија.

Филмот „Извидник“ (Scout)  е по режија и сценарио на Алекс Цветков, и е копродукција помеѓу „Ново македонско видео“, „МФ продукција“ и Рок Цветков и Вања Сремац од Словенија.

Директор на фотографија е Дејан Димевски. Во филмот играат: Moses Gomes-Santos, Ula Furlan, Domagoj Jankovic, Robert Spanic, Hoji Fortuna.

Двата филма финансиски се подржани од Агенцијата за Филм.