Светската премиера на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ги возбуди критиката и публиката во Берлин, историско внимание кон македонската кинематографија

Неколку дена по премиерата во Берлин на филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, не стивнуваат реакциите на критиката, а филмот има висок рејтинг со кој се сместува меѓу фаворитите за една од трите статуетки на Берлинскиот филмски фестивал.

Одличното сценарио, интригантната тема и исклучителната носечка улога на Петрунија, која ја игра младата Зорица Нушева, го свртеа вниманието уште на првата проекција за новинарите, утрото на 10 февруари. Екипата на филмот доби аплауз на прес-конференцијата, а новинарите и критичарите љубопитно и со многу епитети за филмот поставуваа многубројни прашања. Оваа еуфорија се прелеа и во големата сала „Берлин палас“, каде што истиот ден во 16 часот се одржа и официјалната премиера. Членовите на екипата беа почестени од овациите што следуваа по скринингот. Екипата доби многубројни честитки од публиката во „Берлин палас“, а искрени коментари добија и од германската министерка за култура.

Радоста од првите впечатоци од македонското учество во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал што се случува првпат во македонската кинематографија беше споделена на забавата организирана од продукцијата и од Агенцијата за филм, каде што пријателите на македонскиот филм имаа можност да ја чујат и музиката на групата „Фолтин“. Насмевки и позитивни коментари од значајни продуценти, режисери и актери од Европа одеа на адресата на „Петрунија“.

Но, оваа учество во Берлин во целост ја разбранува сликата за македонската кинематографија и донесе позитивни вибрации и во насока на поголемо отворање на европските фондови кон нашата кинематографија. Интензивните напори на Агенцијата за филм да го наметне македонскиот филм како рамноправно референтен во рамките на европската и светската кинематографија добија вистинска видливост годинава во Берлин.

На состанокот со Харалд Третенбрејн и Луција Рикалдо, раководители со европската канцеларија на „Медија креативна Европа“, со македонскиот министер за култура, Асаф Адеми, и директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, беше разговарано за можностите и критериумите со кои нашите проекти би добиле поголема поддршка од програмите на овој европски фонд.

Според Третенбрејн, ако се разгледа бројот на апликациите, Македонија има повеќе пријави во „Медиа“ од некои други наши соседни земји и се надева дека во иднина ќе има повеќе поддршка, но треба да се следи фокусот на интерес на темите и, се разбира, квалитетот на проектите.

Дека се зголемува интересот за македонската кинематографија, беше оценето и по средбите со водечките професионалци на Европскиот филмски маркет и „Еуримаж“, кои се одржаа во музејот „Мартин Груопус Бау“.

Нашиот актер Благој Веселинов, ѕвездата од филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, беше вброен меѓу десетте најуспешни актери од програмата „Шутинг старс“ и во Берлин му беше врачена наградата. Во младите таленти беше и нашата Сара Климовска.

Многуте промотивни материјали, како рекламните светлечки паноа во градот, страниците во „Скрин“, „Холивуд репортер“ и „Варајети“, го постигнаа саканиот ефект и македонскиот филм и нашата кинематографија беа достоинствено претставени.

2019-03-22T14:05:11+00:00