Режисерката Тамара Котевска, која е една од авторите на македонскиот победник на „Санденс“, документарецот „Медена земја“ (Honeyland), потпиша договор со американската агенција за таленти, United Talent Agency (UTA).

Агенцијата со седиште во Беверли Хилс, Калифорнија, застапува уметници, изведувачи, брендови и млади поедници од областа на филмот, забавата, телевизијата, музиката, книжевноста, дигиталната индустрија и друго.

Котевска е во претпродукција со нејзиниот нов игран филм „Човек против стадо“ (Man vs. Flock). Таа ги режираше и ги напиша сценаријата за кратките

филмови: „Закон на шепите“ (Paw Law), „Куќа на карпест пат“ (House on a Rocky Road), „Игри“ (Games) и „Бесплатни прегратки“ (Free Hugs).

Заедно со Љубомир Стефанов го режираше документарецот „Медена земја“ (Honeyland), кој беше прогласен за најдобар на филмскиот фестивал „Санденс“.

Филмот освои и многубројни други награди на светските филмски фестивали, а постојано добива позитивни оценки од фимските критичари и од публиката.

Oд 26 јули документарецот се прикажува во кината во САД, застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка.

Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас, „Македокс“, по што ќе се најде на редовниот репертоар во скопските кина.