На филмскиот фестивал во Мароко, Salé Women Film Festival, „Господ постои, името и е Петрунија“  освои три награди. Специјалната награда од жирито за режија и припадна на Теона Стругар Митевска, наградата за најдобар актер и беше доделена на Зорица Нушева  и главната награда од УНЕСКО  филмот ја споделува со грчкиот филм „Нејзината работа“ на Никос Лабот.

После Мароко, „Господ постои, името и е Петрунија“ на  Интернационален фестивал посветен на филмска режија, во Србија, понесе две награди, главната награда за најдобра режија и наградата за најдобра глумица.

Во Словенија на Филмскиот фестивал во Порторож посветен на словенскиот филм, филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ ја освои наградата за најдобар филм „Златна Весна“ за малцински копродукции во конкуренција од одлични осум филма, меѓу кои и српскиот „Шавови“, хрватскиот „Дневникот на Диана“. Покрај таа награда на  филмот му беше доделена и награда oд Здружението на уметнички кина на Словенија.

„Господ постои, името и е Петрунија“ ќе одбележи седуммесечно фестивалско живеење во светот, од каде се закити со 21 награда и кино дистрибуција во 35 земји. Во периодот кој следува филмот ќе се најде на редовниот кино репертоар во големите пазари на Италија, Германија, Шпанија, Полска, како и во соседна Грција.

Имајки ги предвид сите фестивалски учества, освоени награди и кино дистрибуцијата на сите страни во светот, „Господ постои, името и е Петрунија“ ќе се вброи во еден од најуспешните македонски филмови.