Филмскиот проект “М” на Вардан Тозија со награда на ко-продукцискиот форум Агора

На престижниот ко-продукциски форум Агора, во рамките на 59. Филмски фестивал во Солун, наградата Crossroads беше доделена на режисерот Вардан Тозија и продуцентот Дарко Попов, за филмскиот проект во подготовка со работен наслов “М” на продуцентската куќа Фокус Покус.

“Наградата за пост-продукција ја доделуваме на иден филм со високи визуелни амбиции, воден од режисер, кој според нас, обединува она што режисер треба да го носи во себе: раскажувач, но воедно и познавач на техниката на филмот. Затоа, се одлучивме оваа награда да ја доделиме на “М” на Вардан Тозија” – изјави Паскал Диот, директорот на филмскиот маркет на Венецискиот филмски фестивал. Остатокот од жирито го сочинуваа романската продуцентка Ада Соломон и францускиот дистрибутер Алексис Хофман. Наградата вклучува постпродукција и финализација на слика и тон на идниот филм, во реномираното атинско студио “2:35”.

Инаку, приказната на “М”, филм што треба да се реализира наредната година, следи две напуштени деца кои се обидуваат да пронајдат љубов и заштита, во разурнат и суров дистописки свет во блиската иднина.

2018-11-12T09:43:40+00:00