ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ, „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВО ТРКА ЗА ПРЕСТИЖНИОТ ОСКАР ВО ДВЕ КАТЕГОРИИ – НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ И ЗА НАЈДОБАР СТРАНСКИ ФИЛМ

Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава“ и јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма“, и уште седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.

Американската филмска академија денеска соопшти дека во трката за најголемото светско филмско признание, статуетката Оскар, во две категории е номиниран македонскиот документарен филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер на филмот, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума. Ремек делото од документарец кој во изминатава година освои неброени награди и признанија, а главниот лик пчеларката Атиџе стана симбол за подигање на свесноста за природата и воопшто етиката и човечноста, се доближи до врвното светско филмско признание. Ова е историски настан за македонската кинематографија која за прв пат има свој репрезент во номинацијата за Оскарите, а прв пат и во историјата на Оскарите, се случува документарен филм да биде номиниран во две категории.

На официјалната Фејсбук страна Тимот на Медена Земја се огласи со соопштение во кое се заблагодарува на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот.

„Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР.

Членовите на Академијата до 7 јануари 2020 година гласаа за потесниот избор на филмови во девет категории откако скратените листи беа објавени на 16 декември.

Во категоријата најдобар документарец, филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е меѓу 15 селектирани од 159 квалификувани, а во категоријата за најдобар интернационален филм е во потесниот избор во кој влегоа десет наслови од  пријавените 91.

Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава“ и јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма“, и уште седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.

Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории и за прв пат македонски филм е номиниран за најпрестижната награда Оскар во две категории. Пред 25 години, филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше номиниран во категоријата за најдобар странски филм, односно најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

92  издание на ОСКАРИ ќе се одржи на 9 февруари 2020 година