МОЖЕБИ

МК | Во продукција | Крими |
Продукција Dardania Film

Режисер: Кастриот Абдули
Продуцент: Кастриот Абдули
Сценарист: Симеон Дамевски, Том Ватерс

СИНОПСИС:

Рефет и Висар, двајца другари од Гази Баба, во приземјето на куќата на Рефет во Турската чаршија држат спортска обложувалница. Нивниот пријател од деството, Ацо, кој им ја продал куќата и им помогнал да ја отворат обложувалницата, сега бара да си ја откупи назад.
Ацо е еден од главните рекетари во државата. Неговата агенција за обезбедување ја обезбедува изборната кампања на една моќна политичка партија, а служи и како параван за растурање дрога. Оттука, куќата во чаршијата му се чини како идеално стратешко место за освојување на пазарот. Но, Рефет и Висар не сакаат да му ја продадат назад. Е, бидејќи обложувалницата не заработува толку колку што тие покажуваат и трошат, Ацо знае дека тие нешто кријат во куќата и е решен да разбере што.
Сопругата на Рефет, Арта, е нежна, убава жена која без збор го поднесува бескрајното малтретирање на својот сопруг. За да му се одмазди за бруталноста, таа еднаш го изневерила со Висар, кој оттогаш ја уценува и принудува на секс. Измачувана од сопствената совест и од постојаните тепања, Арта само во смртта гледа излез.
И нејзината единствена пријателка Жане, полусестрата на Ацо, се наоѓа во слична стапица. Нејзиниот полубрат, преку закани и насилство постојано ја принудува да му служи, и тоа на сите можни начини. Но, за разлика од Арта, Жане верува дека секогаш постои друг излез. И е подготвена да стори се што треба за да се спаси.
Па, кога Ацо и наредува да открие што е тоа што го кријат Рефет и Висар, таа го заведува Рефет и ја дознава нивната тајна: подрумот под кладилницата им служи како скривалиште за украдени историски артефакти, скапоцени музејски експонати, кои тајно се изнесуваат од земјата.
Кога Ацо подоцна дознава дека ни неговиот ортак Ерол, којшто ја набавува дрогата, не е лојален играч, тој решава со еден удар да се ослободи од сите тројца. За таа цел, ја принудува Жане да го убеди своето бившо момче да го ликвидира Ерол, а потоа, преку неа успева да ги закрви и Рефет и Висар. Но, ниту тој, ниту останатите двајца, не сфаќаат дека се надиграни од поголем мајстор.
Имено, заслепени од потценувањето со кое гледаат на поробените жени, тие ниту за момент не забележуваат дека се само марионети во една поголема игра.

dardania_film@hotmail.com