„НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА С.МИТЕВСКА СЕЛЕКТИРАН ЗА АТЕЛЈЕ НА КАНСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Уште еден голем успех на македонската кинематографија.

Новиот филм во развој на Теона Стругар Митевска, “Најсреќниот човек на светот“по сценариото на Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска ќе биде претставен во многу ценетата програма за развој на проекти Ателjе на Канскиот филмски фестивал.

Ова е прв пат Македонија да има свој проект на оваа најпрестижната програма. Вчера, канцеларијата за прес на Канскиот филмски фестивал соопшти дека 15 филмски проекти од целиот свет во изострена селекција се избрани за овогодишната програма.

Софистицираната селекција преставува пресек на млади автори и веќе етаблирани филмски уметници во кои Кан верува. Проектите заедно со авторите и продуцентите ќе бидат претставени пред огромен број на ко-продуценти, дистрибутери, продажни агенти, фестивали и филмски професионалци заинтересирани за соработка.

Ателје е апсолутно еден од најпрестижните платформи за преставување на нови сценариа на авторите.

 Овој успех следи по Синелинк маркетот на Сараевскиот филмски фестивал, каде со истиот проект Теона Стругар Митевска ја доби првата награда за развој на проектот од Еуримаж, во висина од 20.000 евра. Конечно, интересот на Кан се надоврзува и на огромниот интерес кој претходниот филм на Теона “Господ постои нејзиното име е Петрунија” го уживаше и во подготвителната фаза со учеството на Париз копродакшн маркетот, Венецијанскиот Гап маркет и исто така победата на Сараевскиот Синелинк, а и подоцнежната неверојатно успешна дистрибуција и фестивалски успеси на овој филм.

„Сестри и брат Митевски“ продолжуваат да нижат успеси низ светот со нивните проекти. “Господ постои, името му е Петрунија”, ја освои својата 34та награда, го одбележа и својот 100ти фестивал, критичарите во многу земји ги воспеваат квалитетите на овој филм и во април ја започнува својата дистрибуција во Јапонија, Америка, Словенија. Филмот е дистибуиран во 40 земји низ целиот свет.

Со гордост да потсетиме дека на штотуку завршениот Берлински филмски фестивал, новата копродукција на Сестри и брат Митевски, “Малмкрог” на великанот на романската кинематографија Кристи Пуиу, ја освои наградата за режија во новата програма “Средби”.

„Малмкрог“ е малцинска копродукција поддржана од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.