ФИЛМАЏИИТЕ ДОБИЈА ПРВА ПОМОШ

Во овие исклучително тешки времиња предизвикани од борбата со KОВИД 19 која  пред се претставува  директна закана за јавното здравје на граѓаните на нашата земја, за жал се случува и голема економска криза, која катастрофално веќе се одрази на филмската дејност .

Директорот на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, г. Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи.

По препораките на Владатана Република Северна Македонија и сите релевантни европски институции кои апелираат за итна помош на филмот, во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници, г. Игор Иванов, а по конструктивната средба со Министерот за култура, г.Хусни Исмаили во рамките на своите законски овластувања,  Агенцијата за филм, од средствата од годишниот буџет, пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување. Спроведувајќи ја оваа мерка  Агенцијата за филм во изминативе два работни дена исплати вкупно 27 филмски проекти.

Заради светската пандемија  предизвикана од коронавирусот откажани се сите филмски снимања, а воедно се откажани и сите копродукции кои беа планирани, како и Канскиот фестивал. Стопирањето на сите активности во филмската сфера ја  доведуваат под голем знак на прашалник финасиската состојба на независните филмски работници, како категорија на граѓани кои немаат постојано вработување и се директно зависни од  од активностите на независните продуценти чии проекти се финансирани од страна на   Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Во таа насока за понатамошна помош формирана е комисија од ДФРМ и Агенцијата за филм  која ќе работи на изнаоѓање на правна рамка и разгледување на барањата и можноста за директен надоместок на филмските работници.

Ова е само прва итна мерка, а во зависност од времетраењето на оваа голема криза АФ во соработка со ДФРМ, со сите свои сили ќе работи на изнаоѓање и на други мерки со кои ќе им се овозможи директна материјална помош на филмските работници.