„ТРАГИ“ НА ЛИДИЈА МОЈСОСКА УЧЕСНИК НА EUROPEAN MARKET FOR FILM MUSIC COMPOSITION

Краткиот игран филм „Траги“ на македонската режисерка Лидија Мојсоска, кој е во пред-продукција, ќе биде дел од Europеаn market for film music composition кој се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Обањ, Франција.
Овој настан кој е посветен на филмската музика, презентацијата на кинематографски и музички креации, и односот на музиката со филмот ќе стартува на 30 март и ќе трае до 4 април.

Заради пандемијата на вирусот COVID 19 со кој се бори целиот свет и кој го парализира секојдневниот живот на целата цивилизација, маркетот ќе биде спроведен електронски.

Филмот на Лидија Мојсоска ќе биде претставен на овој иновативен маркет, кој е единствен во Европа, а кој на едно место собира филмски продукции, композитори, режисери и продуценти. На овој начин им се дава можност на композиторите да остварат контакт со режисери и продуценти кои работат на своите кратки или долги филмски проекти и кои бараат оригинална музичка композиција која ќе го надополни нивното филмско дело. Врз основа на прочитаното сценарио или изгледаниот филм, композиторите создаваат музика и ја праќаат на режисерите на филмовите.

Краткиот филм „Траги“ е приказна за 10-годишниот Борис кој под влијание на неговото најблиско традиционално опкружување ќе започне да верува дека неговата пријателката Кира е олицетворение на Ѓаволот. Филмот е во продукција на „Лист продукција“ и е финасиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Инаку, покрај краткиот филм „Траги“ на Лидија Мојсоска на Европскиот маркет за филмски композитори ќе биде претставен и филмот „Северниот пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска, во продукција на „Кино око“ кој е исто така финасиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.