ПРВ ПОГЛЕД ВО МАГИЧНИОТ СВЕТ НА „ЗОКИ ПОКИ„

Магичниот свет на култниот детски лик Зоки-Поки од вечерва ќе биде поблизок преку ТВ екраните.

На големо задоволство на децата но и на возрасните премиерата на многу чеканата ТВ серија „Зоки-Поки„ ќе се случи во 20:15 минути на првата програма на МРТ.

Почетните кадри се резервирани за запознавање со Зоки Поки (Матеј Настевски) и неговата дружина сочинета од Лидија „Лидиди” (Анастасија Аневска), Боки „Бокимен” (Матео Матoски) и Гоки „Горила” (Матеј Зимбаков).

Во магичниот свет кој е визуелен спектакл исполнет со многу емоции исто така е присутно и семејството на Зоки-Поки, кое е сочинето од неговиот татко Филип ( Сашко Коцев),  мајката Ивана (Даниела Иваноска) и бабата Оле (Сабина Ајрула-Тозија).

Тв серијата „Зоки-Поки“ е составена од десетина епизоди кои ќе бидат исполнети со многу смеа, малку страв, но и дружба, маскирање, играње, вежбање паралелно со јадење, восхит, истражување, учење, гушкање, криенка, љубов, сништа и бујна фантазија.

Модерната екранизација на култната детска книга на многу познатата македонска писателка Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија, а со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов, а костимографијата на Жаклина Крстевска. Композитор на музика е Александар Пејовски, на песни Александар Митевски, а на музиката за најавната шпица – Игор Василев-Новоградска.

По вечерашната премиера  новите епизоди на серијата „Зоки-Поки“ ќе се емитува секој понеделник и четврток во 20:15 часот.

ТРЕЈЛЕР: