НЕЗАВИСНИТЕ ФИЛМСКИ РАБОТНИЦИ СО ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ОД ВЛАДАТА

Уредба  со законска сила за финансиска поддршка на независните филмски работници за време на вонредна состојба,  е донесена на вчерашната седница на Владата на Република Северна Македонија.

Уште од самиот почеток на вонредната состојба предизвикана од пандемијата на COVID 19 а заради амортизирање на огромната финансиска криза која катастрофално се одрази на филмската дејност , директорот на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, г. Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи.

По препораките на Владата на Р.Северна Македонија и сите релевантни европски институции кои апелираа за итна помош на филмот, во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници, г. Игор Иванов, а во рамките на своите законски овластувања,  Агенцијата за филм на Р.Северна Македонија им укажа прва помош на филмаџиите. Имено, од средствата од својот годишен буџет во периодот на месец март Агенцијата за филм пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти  во поодмината фаза на реализација,завршени филмски проекти или проекти пред завршување , при што беа исплатени вкупно 27 филмски проекти.

Ова беше само прва итна мерка за финасиска помош, а заради времетраењето и огромните економски последици предизвикани од пандемијата, Агенцијата за филм на Р.Северна Македонија во соработка со ДФРМ со сите сили работеше на изнаоѓање на мерки за директна материјална помош на независните филмски работници. За таа цел беше формирана и заедничка комисија на која интензивно се работеше на изнаоѓање на правна рамка и можност за директен надомест на филмските работници.

Уредбата е со законска сила за финансиска поддршка на независните филмски работници за време на вонредна состојба за исплата на финсиски средства за месеците април и мај 2020 година во месечен нето износ од 14.500 денари  е во насока на ублажување на големите штети кои ги трпи целокупната македонска филмска дејност, односно помош на филмските уметници, креативци, филмски работници, кои како категорија на граѓани немаат постојано вработување и се директно зависни од активностите на независните продуценти чии проекти се финсансирани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија го поздравува донесувањето на Уредбата од страна на Владата на Република Северна Македонија, и со нетрпиение го очекува рестартирањето на целиот процес во филмската дејност и новите големи светски успеси на македонската кинематографија.