СРЕБРЕНА ПАЛМА ЗА „ВРБА“ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ВАЛЕНСИЈА

„Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната награда-Сребрена палма на Филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија.

На 35.издание на еден од најголемите филмски фестивали во Европа Сребрената палма на Манчевски му беше доделена со образложението дека е „ одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата  по љубов на три жени“.

Режисерот Милчо Манчевски лично присуствуваше во Валенсија, а неговиот филм беше многу забележан во шпанските медиуми. „Врба “ е  „величествен филм“, „брилијантен, перфектно балансиран“, „ Манчевски мајсторски ги испреплетува трите приказни“, „им пристапува на овие многу женски искуства со најголема почит и чувствителност“, „две моќни, предизвикувачки и прекрасно одиграни драми“,  се едни од позитивните критики во шпанските медиуми.

Инаку, Сребрената палма во Валенсија за „Врба“ стигнува веднаш награда за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД каде ја имаше американската премиера.

Двете награди неделава за „Врба“ се надоврзуваат на големите интернационални успеси изминатиов период: во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон кој ќе се одржи во ноември.

Во изминатава една година од светската премиера на фестивалот во Рим, „Врба“ постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, и 4 награди.

„Врба“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Р.Северна Македонија.