„УЛИШТЕ” ВО СЕЛЕКЦИЈА НА РЕНОМИРАНИОТ “SUNDANCE”

Филмот „Улиште“ ( Zgjoi’ (Hive) на косовската режисерка Блерта Башоли е дел од селекцијата на најновото издание на еден од најреномираните светски филмски фестивали SUNDANCE. Филмот на Башоли е финансиски поддржан од Агенцијата за филм како копродукција.

Режисерката Блерта Башоли е потпишана и како сценарист. „Улиште е во продукција на N.SH Industria Film (KO), a како копродукциска куќа од Македонија се јавува Black cat Production, заедно со Alva Film Produkction (CH), Alba Sky (AL).
Главен лик во филмот е Фахрије, чиј сопруг исчезнал во војната во Косово. Таа покренува мал бизнис за прехранување на своите деца, но води голема битка со патријахалното општество кое воопшто не ја поддржува.  Влегувањето на „Улиште“ во официјалната селекција на еден од најреномираните филмски фестивали во светот е одлична вест.
Вратите на најголемиот американски фестивал за независен филм последните години се широко отворени за македонската кинематографија.
„Медена земја“ 2019 година на SUNDANCE освои три награди (Големата награда на Жирито, Најдобар документарен филм и Награда за најдобра кинематографија). Kраткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски беше дел од официјалната селекција на SUNDANCE 2020.
А во 2018 година краткиот филм „Види ја ти неа“ на Горан Столевски во програмата Краток филм ја освои наградата Најдобар интернационален игран филм. Без премиери на црвениот ќилим во Парк Сити (Јута,САД) Sundance Film Festival 2021 заради пандемијата на Ковид-19 виртуелно ќе се одржи од 28 јануари до 3 февруари 2021 година.
На програмата се вклучени 78 филмови од 29 земји.

Повеќе детали на https://www.sundance.org/blogs/news/2021-sundance-film-festival–full-program-announced