МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ ОСТАНУВА НАШ НАЈГОЛЕМ КУЛТУРЕН АМБАСАДОР, ДОКАЗ Е ПОСЛЕДНИОТ УСПЕХ НА “ХОМО” КОЈ ОДИ НА ПРЕСТИЖНИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ГОА

Изминатите три години наш најголем амбасадор во културата беше токму филмот. Четири години по ред македонски филм е во официјална селекција на Санденс – најзначајниот фестивал за независен филм во САД, но и во светот. Во овој период, македонски филм беше присутен и на официјалната програма на Берлинале и влезе во историјата со двете номинации за Оскар. Годинава, која е предизвик за човештвото, филмската индустрија ја погоди во сите витални органи: филмските фестивали не се одржаа, кино салите се затворија, снимањата на филмовите се усложнија. Па сепак, филм во македонска ко-продукција повторно имаме на Санденс, присутни сме во официјална програма на фестивалот во Ротердам, а краткиот филм “Налепница” на Георги Унковски има преку 170 награди и е квалификуван за номинација за Оскар.

Финалето на оваа година, е играниот филм “Хомо” на Игор Иванов – Изи, кој е избран во официјалната програма на најбитниот филмски фестивал во Азија, ГОА. Овој фестивал беше еден од ретките кој го одложи своето издание со цел да го одржи истото во живо во јануари, 2021. Филмот “Хомо” е во доминантна македонска продукција на “Скопје Филм Студио” и е дел од широка копродукција од Косово, Бугарија, и Хрватска.

“Филмот е сложена форма на уметност и продукција, каде творат најдобрите од најдобрите. Последните три години нашата земја демонстрира пример дека може да се успее, иако во оваа индустрија претходно долго време бевме речиси невидливи. Сега, македонскиот филм е исправен пред глобални предизвици, и сум благодарен на Владата што не ги изостави филмските работници во последниот пакет економски мерки, сепак се наоѓаме во услови на домашен скратен годишен буџет – она за што ќе се залагам е македонскиот филм да го одржи квалитетот и да продолжи да нижи успеси.“ – истакна Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.