На последниот конкурс аплицираа 51 проекти, од кои 33 долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 18 краткометражни (играни, документарни и анимирани).

Поддршка за реализација на мнозински долгометражни филмови добија режисерот Ѓорги Унковски за проектот „ДЈ Ахмет“ во продукција на „Синема Футура“ и Марко Ѓоковиќ за „Потстанар“ во продукција на „Сектор филм“.

Поддржани се  и девет краткометражни играни филмови  како и три документарни филмови со македонски мнозински удел како и учество во три малцински проекти.

Вкупниот буџет за поддршка на овие проекти изнесува 75.700.000 денари.

Резултатите се однесуваат на Конкурсот објавен во август минатата година, кој беше пролонгиран поради тоа што Агенцијата во одреден период во минатата година немаше директор.

„Агенцијата за филм на РСМ ја продолжува стратегијата за поддршка на млади автори чии проекти имаат потенцијал за успешна промоција на фестивалите. Двата долгометражни филмови се разликуваат жанровски и се надеваме дека авторите ќе покажат препознатлив режисерски јазик “, вели директорот Бојан Лазаревски.

Денеска се донесе Одлука и за поддршка на домашните филмски фестивали и манифестации и според истата во текот на 2021 година ќе бидат реализирани вкупно 20 фестивали меѓу кои и:  ИФФК „Браќа Манаки“, „ЕХО Фестивал на планински филм“, „Синедејс“, „ОДА Тетова итернатионал филм фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“, „47 Државен фестивал на непрофесионален филм“, „Џифони Македонија“, „Македокс“, „Златно тркало“ и други.

До крајот на месецов завршува првиот рок за аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти за финансирање на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2021 година.

 

ПОДРЖАНИТЕ ПРОЕКТИ МОЖЕТЕ ДА ГИ ПОГЛЕДНЕТЕ НА ОВОЈ ЛИНК