Агенцијата за филм на Република Северна Македонија оствари средба со делегација од Република Турција
Директорот на Агенција за филм, г. Бојан Лазаревски вчера оствари средба со делегација од Турција предводена од Заменик министерот за култура и туризам на Турција, г. Ахмед Мисбах Демирџан.
На средбата пред се беше истакната одличната соработка помеѓу двете земји, која ги вклучува сите области на културата, а која се должи во дел и на богатото историско и културно минато помеѓу двете земји.
Присутните на средбата констатираа дека филмот претставува мост помеѓу двете култури и во насока на продлабочување на соработката во полето на филмската дејност беше разговарано за создавање на филмски фестивал кој би се одржувал на територија на Република Турција чија цел е на турските љубители на филмот да им го претстави филмското творештво од земјите на Балканот. Прикажувањето на македонски филмски дела на еден ваков фестивал ќе даде значаен импулс и ќе отвори нови можности за продлабочување на соработката помеѓу двете земји преку промоција на културите и размена на автори и искуства.
Присутната делегација од Турција изрази особен интерес и за опусот на браќата Милтон и Манаки Јанаки кои со своето творештво се дел од повеќе истории и култури, вклучително и на турската култура и историја бидејќи својата младост ја поминале за време на Отоманската империја кога и почнале да се занимаваат со фотографија. Дел од снимките кои се дел од нивното творештво опфаќаат настани поврзани со Младотурската револуција а го снимиле и доаѓањето на турскиот султан Решад во Битола.
Двете страни изразија уверување дека од особено значење е да продолжи комуникацијата и да се отворат можности за интензивирање на соработката помеѓу двете земји во областа на филмската дејност, меѓу другото и преку поттикнување и соработка на копродукциски проекти како и учество на филмски проекти на филмски фестивали во двете земји.
На средбата како дел од турската делегација присуствуваа и г. Еркин Јилмаз, Генерален директор за кинематографија, Селчук Јавузканат, помошник генерален директор за кинематографија, Танер Бејоглу, помошник генерален директор за библиотеки и издаваштво, Шахин Башол, Шеф на кабинет на Заменик министер и Хасан Каја, Советник на заменик министер. Од Агенцијата за филм на состанокот присуствуваа Анита Стојческа, Вероника Бучковска и Габриела Стојмировска од секторот за филмска дејност како и г. Игор Иванов, претседател на Друштвото за филмски работници.