ЧЕТИРИ ДОЛГОМЕТРАЖНИ И ТРИ КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ ЌЕ СЕ ПРИКАЖАТ ЗА ВРЕМЕ НА ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО ПРАГА

Почнувајќи од денес, во наредните три денови (07-09 септември) ќе се одржат бројни активности од културен карактер во рамките на  манифестацијата „Денови на македонскa култура“ во Прага, Република Чешка.

Настаните се организирани во чест на празнувањето на македонскиот Ден на независноста (8-ми септември) како и претседателствувањето на Република Чешка со Европската Унија во втората половина од 2022 година.

Република Северна Македонија и Република Чешка негуваат одлични односи на полето на надворешната политика, но  и интензивна и плодна соработка во областа на културата, која досега резултираше со голем број на иницијативи и  културни активности. Меѓу другото, во 2009 година беше потпишана и Програма за соработка меѓу двете земји, која овозможи континуирана промоција на културата на Република Северна Македонија и Република Чешка.

Министерството за култура на Република Северна Mакедонија во соработка со неколку институции од областа на културата, меѓу кои и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, подготви интересна програма која ќе ги претстави младите и познати автори од нашата земја на чешката и европска културна јавност.

Во рамки на тридневните активности, а во организација на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, во киносалата Edison Filmhub ќе се одржи ревија на македонски филмови од најновата филмска продукција и тоа четири долгометражни филмови:

„Хомо“ во режија на Игор Иванов

„Господ постои, името ѝ е Петрунија„ во режија на Теона С. Митевска

„Врба“ во режија на Милчо Манчевски

„Сестри„ во режија на Дина Дума

 

и три краткометражни филмови:

„Налепница“ во режија на Георги Унковски

„Змија“ во режија на Андреј И. Волкашин

„Северниот пол“ во режија на Марија Апчевска

 

„Деновите на македонска култура“ се отвораат на 07-ми септември со проекција на краткометражните филмови по што ќе биде прикажан и долгометражниот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска.

Денот на независноста на Република Северна Македонија, 8-ми септември, ќе биде одбележан со концерт на битолскиот камерен оркестар, кој постои неколку децении. Во рамки на програмата на концертот ќе се изведува македонска изворна и популарна музика меѓу кои и најпознатите македонски изворни песни како „Јовано, Јованке“ и „Македонско девојче“, со солистите Влатко Стефановски и Тамара Тодевска. По концертот на камерниот оркестар и солистите следуваат проекции на македонските филмови „Сестри“ во режија на Дина Дума и „Врба“ на Милчо Манчевски.

На 9-ти септември во престижниот театар „ Divadlo Apollo“ ќе биде прикажана претставата „Антитело“ (Antibody), авторско дело на студенти од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на д-р. Зоја Бузалковска. Програмата продолжува во киносалата Edison Filmhub,  со проекции на македонски краткометражни филмови и на долгометражниот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов.

На настанот „Денови на македонска култура“ во Прага, Р.Чешка, предвидено е да присуствуваат Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставници од Секретаријатот за европски прашања како и претставници од Агенцијата за филм.