ПРИКАЗНАТА ЏИФОНИ ПРОДОЛЖУВА

Во 2013 год. Клаудио Губитози, креатор и уметнички директор на Giffoni Experince одлучува брендот „Џифони“ за прв пат да го довери бесплатно на Република Македонија.  Одговорноста и исклучително право на користење на брендот и логото на “Џифони” на територијата на Република Северна Македонија е доверена на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Во период 2013 -2015 година сите заеднички успешно ја создававме приказната на „Џифони Македонија‘‘ која преку Филмскиот фестивал за млади “Џифони Македонија”, „Денот на Џифони’’,  проектот „Џифони Патува’’  и другите активности под брендот „Џифони’’ овозможи културен раст и развој на младите генерации во нашата земја.

Овој културен производ кој преставува спој на филмска и едукативна платформа им даде можност на младите преку филмот да дознаат повеќе за европските приказни, земји, националности, култури и општества, активно ја ангажираше младата публика во единствена движечка сила – меѓународно жири – на кое е доверена задачата да ги оцени филмовите во конкуренција, го збогати нивното искуството и знаењето за филмот и културата преку многубројните работилници, како и поттикна мултикултурна комуникација меѓу младите од различните држави.

Успешната приказна и меѓусебната доверба овие три години допринесе Giffoni Experince и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија да ја продолжат со својата соработка, со што во 2016 година се потпишува нова Спогодна за соработка со времетраење до 31.12.2018 година.

Организацијата на Филмскиот фестивал за млади “Џифони Македонија” и другите активности под брендот согласно новата Спогодба за соработка се доверени на Здруженијата: Планет М и Џифони М.