LIM | Less Is More: Работилница за пишување на сценарио – зајакнете ги вашите идеи! – Продолжен рок за пријава

Непријател на уметноста е отсуството на ограничувања”

Орсон Велс

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, врз основа на воспоставеното едногодишно партнерство со програмата Less Is More, објавува повик за учество во работилница за пишување на сценарио “LIM | Less Is More Pre-writing workshop”.

Целна група:

Режисери, сценаристи и продуценти со искуство во областа на филмска и ТВ продукција. “LIM | Less Is More Pre-writing workshop” е предвидена за максимум 12 филмски професионалци со стекнато  претходно искуство преку реализација на  прв или втор проект односно:

  • продуценти кои имаат реализирано најмалку 2 краткометражни играни филма или 1 долгометражен игран филм или имаат реализирано најмалку 2 епизоди од играна ТВ серија (претходно прикажана);
  • режисери кои имаат реализирано најмалку 1 краткометражен или 1 долгометражен игран филм или најмалку 1  епизода  од  играна ТВ серија (претходно прикажана);
  • сценаристи кои имаат напишано сценарио за најмалку 1 краткометражен или 1 долгометражен игран филм или најмалку 1  епизода  од  играна ТВ серија (кои се веќе реализирани и прикажани ).

Датум на одржување:

16 – 20 септември 2019г.

 

Локација:

Битола, Република Северна Македонија  (во рамките на 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“)

За работилницата:

Постојат методи за развој на вашата креативност, за создавање на почетни идеи за  сценарија кои потоа можете да ги тестирате за да бидете сигурни дека заслужуваат да се развијат во долгометражни филмови. Оваа работилница за пишување сценарио ќе ви помогне да ги зајакнете вашите идеи преку теорија и употреба на конкретни, практични вежби. Целта на работилницата е да се добијат три квалитетни идеи кои имаат потенцијал да се развијат во филмови.

Учесниците ќе разработуваат почетни идеи за да ги зајакнат во насока на создавање на квалитетни, идни долгометражни филмови, пред да влезат во долгорочен процес на развој. Петдневната работилница ќе биде предводена од страна на двајца меѓународни скрипт-консултанти од LIM / Le Groupe Ouest.

Покрај тоа, во текот на настанот како дел од активностите предвидено е да се одржи и едно предавање/мастер клас од отворен карактер на тема насочена кон можностите за претворање на буџетските ограничувања во креативност.

Потребна документација за пријава:

Доколку сте заинтересирани да учествувате во работилницата, ве молиме да испратите ваше CV и мотивационо писмо  на следнава емаил адреса: [email protected] или [email protected]

*Целосната документација се доставува на англиски јазик

*За доставените проекти се врши селекција од страна на тимот на LIM | Less Is More

Краен рок за пријава:

        30 јуни, 2019 г. (недела)

За програмата LIM | Less is More

LIM | Less is More е eвропска програма за развој на долгометражни филмови со ограничен буџет. Програмата е наменета за младата генерација на филмаџии, веќе познати по нивните краткометражни остварувања или дебитантски долгометражни филмови, и нуди можност за искористување на предностите на долгометражните проекти кои располагаат со ограничен буџет.

LIM е достапна за автори со прв, втор или трет долгометражен проект, како и за автори со искуство во драмски, документарни или визуелно-уметнички проекти.

Програмата паралелно таргетира и интегрира дванаесет надежни европски продуценти кои сакаат да ја зајакнат својата способност за развој на проекти со ниско до микро буџетски рамки.

Целта на LIM е да се искористат ограничувањата во буџетот како поттик за развој на креативноста и интензитетот во процесот на развој.  Минатата година 330 проекти од 65 земји се пријавија на оваа работилница.

LIM не ги дефинира ограничените буџети во финансиска смисла, бидејќи истите варираат од земја до земја. Пристапот на LIM е концепциски и прагматичен: искористете ги ограничувањата во ваша предност!

LIM  е поддржана од Креативна Европа – МЕДИА програма на Европската унија и е предводена од Le Groupe Ouest [1], во соработка со Control N (Романија), Vlaams Audiovisueel Fonds – VAF (Белгија), Канцеларијата на фестивалот во Краков – KBF (Полска) и Меѓународниот филмски фестивал во Трансилванија – TIFF (Романија) во партнерство со Литванскиот филмски центар, Норвешки филмски институт, како и со Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Повеќе информации за начинот на пријава на LIM 2020 можете да најдете на: https://lim-lessismore.eu/how-to-apply-2/

[1] Le Groupe Ouest (Brittany, France), со повеќе од 700 професионалци од филмската индустрија обучени во процесот на пишување (од повеќе од 50 земји), стана број 1 во Европа во таа област.

2019-06-24T14:28:10+00:00