“ПОЛУСЕСТРА” на Дамјан Козоле во главната конкуренција на Карлови Вари Филмскиот Фестивал

Уште еден успех на македонската кинематографија, филмот „Полусестра“ во главната конкуренција на Филмскиот фестивал во Карлови Вари

Филмот “Полусестра” на Дамјан Козоле кој е копродукција помеѓу Словенија, Македонија и Србија својата светска премиера ќе ја има во главната селекција на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари. Македонски продуцент на филмот е продуцентската куќа Сестри и брат Митевски и учеството на филмот во главната конкуренција на овој реномиран фестивал е не само уште еден голем успех  во низата нивни успеси туку истовремено и голем успех за македонската кинематографија.

Македонската екипа во филмот ја сочинуваат актерката Лабина Митевска, монтажер на филмот е Атанас Георгиев, снимател на тон Игор Поповски Нивеа, микроман Дарко Бошковски, асистент на камера е Маријан Боцевски, арт директор во сценографија е Бобан Петрушевски, дел од звукот е работен во Аудиохаус, а македонскиот дел од кастингот е направен од Киријана Николоска.

Ова  е втора копродукциска соработка на Сестри и брат Митевски со Дамјан Козоле по филмот “Ноќен живот” кој исто така својата премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои и Кристален Глобус за најдобра режија во 2016 година.

Дамјан Козоле е еден од водечките словенечки и балкански автори, чии филмови секогаш зборуваат за актуелни теми. Сите негови филмови имаат богат фестивалски живот и дистрибуцијата во Европа.

Премиерата на “Полусестра” во Карлови Вари ќе биде на 2 Јули, а филмот ќе биде уште два пати прикажан на фестивалот на 3 и 5 Јули.

Филмот “Полусестра” е финансиски подржан од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија.

Погледни каталог
2019-06-24T15:55:24+00:00