Во организација на Агенцијата за филм, деновиве во Битола се одржува интензивната работилница Pre-writing workshop (на програмата LESS IS MORE) во рамките на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

PREWRITING WORKSHOP во Македонија се одржува врз основа на воспоставеното едногодишно партнерство на Агенцијата за филм и Le Groupe Ouest, која е основач на европската програма за развој на долгометражен игран филм LESS IS MORE.

Ментори на работилницата се Пјер Хоџсон и Нолвен Гуизиу, а учесници се шест македонски автори и тројца автори од регионот (Црна Гора, Словенија и Хрватска).

Учесниците на оваа петдневна интензивна работилница имаат уникатна можност преку креативни и оригинални вежби да ги развиваат своите идеи за филмови. Карактеристично за  оваа работилница е тоа што, преку искуството на менторите и претходно утврдената  програма за работа е исполнета со навистина оригинални начини за анализа на карактерите и дејствијата во идеите за филмови, преку кои учеснците ги подобруваат своите вештини за развој на приказните и се здобиваат со знаења за тоа како да се поттикнат себеси и да придонесат кон поголема оригиналност, автентичност и атрактивност на своите идни филмови.

Во склоп на оваа програма, од страна на Агенцијата за филм во соработка со LESS IS MORE  беше орагнизиран и еден Мастерклас (18.09.2019г. со почеток во 11.00 часот во Порта Џез), отворен за јавноста, на кој Пјер Хоџсон говореше за новите начини за развој на сценарио. На Мастеркласот гостин беше и нашиот режисер и сценарист Ѓорче Ставревски кој го сподели своето искуство за учеството во годишната тренинг програма на LESS  IS MORE.

Le Groupe Ouest (основана во Brittany, France во 2006 година), со повеќе од 700 професионалци од филмската индустрија обучени во процесот на пишување (од повеќе од 50 земји), прерасна во број 1 во Европа во таа област.

Целта на програмата е да го овозможи создавањето на филмови преку поттикнување и поддршка на соработката и иновацијата помеѓу европските земји. Програмата е насочена кон сценаристи, филмски автори и развој на вештини за пишување на сценарија и претставува иновативен пристап на истражување и создавање притоа создавајќи врска помеѓу раскажувањето приказни и новата визуелна технологија.

Le Groupe Ouest е основач и на програмата Less is More – eвропска програма за развој на долгометражни филмови со ограничен буџет. Во 2014 година Le Groupe Ouest го создава и првиот фонд посветен на поддршка на независни филмови – Breizh Film Fund.

Nolwenn Guiziou

Роденa е во 1977 година во Бретања. Магистрира современа француска и англиска литература (при Универзитетот на Западна Бретања, Брест и Универзитетот во Велс, Свонси). Има студирано и сценографија при Уметничката школа Ларкин (во Даблин). Во 2004 година во Даблин создава улична театарска група: The Pirate Luther Company со која настапува во Ирска, Англија, Шпанија и Португалија. Во 2018 година, работи како сценарист и режисер на серија во стоп-моушн техника за телевизијата на бретонски јазик  (An Dorioù). Штотуку заврши краток стереоскопски филм во 3D формат, TxanTxangorri, кој влучува актери и марионети. Во моментот работи на долгометражниот филм Birds of a feather, сниман во стереоскопски 3D формат.

Работи како сценарист и режисер и предава бретонски и англиски јазик. Ангажирана е како  консултант за програмите на Le Groupe Ouest од 2014 година.

Pierre Hodgson

Пјер Хоџсон е роден во Лондон во 1959 година. По студиите на Оксфорд, доаѓа во Париз, каде што работи како координатор на првиот филм на Olivier Assayas, и како прв асистент на режија на Raul Ruiz на филмот Treasure Island, сниман во Португалија. Следните години работи како телевизиски продуцент во Лондон и сценарист за Joao Canijo во Лисабон. Два од овие проекти беа прикажани и во програмата Un Certain Regard.

Продолжува со снимање документарни филмови и пишување сценарија, меѓу кои Sombre на Phillipe Grandrieux и Infideles на  Randa Chahal и три долгометражни остварувања на Jerome de Missolz.  Има работено и со Thomas Bidegain, Patricia Mazuy, Jean-Gabriel Periot и Marina de Van како и многу други. Работи и како предавач за програмите на Le Groupe Ouest | European Film Lab од 2014 година