Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ќе биде прикажан на претстојниот филмски фестивал во Бенгалуру, Индија, кој се одржува од 26 февруари до 4 март. „Врба“ е во селекцијата со најуспешните филмови на изминатава година, меѓу кои оскаровецот „Паразит“ на Бонг Јон-Хо, „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, „Офицер и шпион“ на Роман Полански.

„Врба“, кој е најгледаниот филм во Македонија, пролетва ја продолжува фестивалската турнеја со уште четири познати европски и светски фестивали: ФЕСТ во Белград, Синеквест во САД, Фантаспорто во Португалија и Софија, Бугарија.

По светската премиера на „Врба“ на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеци со кое ги урна сите рекорди на гледаност, филмот беше дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј и Талин.

На престојниот 48. ФЕСТ во Белград (од 28 февруари до 8 март), „Врба“ е во главната натпреварувачка програма, со првата проекција на 2 март, и уште две, на 3 и 4 март.

Од ФЕСТ, „Врба“ патува на 40. издание на Фантаспорто во Порто (од 28 февруари до 8 март), еден од 20-те водечки во светот, каде филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

Во март, „Врба“ ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија.

Исто така во март, „Врба“ ќе биде прикажан и на 24 фестивал во Софија, еден од најголемите фестивали во регионот (од 12 до 22 март).

Изминатиов месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд каде ја  доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.

Филмот месецов беше прикажан и на два домашни филмски фестивали, „Златна рамка“ и „Фестивал на современи ирански и македонски филмови“.