Во таа чест,  под името „Во наша режија“, Агенцијата за филм на Република Северна Македонија заедно со Креативна Европа МЕДИА Деск МК и Друштвото на филмските работници, вчеравечер организираа годишен настан.

Пред бројните присутни режисери, продуценти, филмски работници, актери и други гости, директорот на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Горјан Тозија, истакна дека оваа година е навистина многу ретка по огромниот филмски бум што го создадоа и креираа нашите филмски мајстори, дури и за земји со многу поголеми буџети.

Во прилог на овој факт, сведочат и бројките од премиери на 29 филмови, учество на над 200 фестивали и добиени над 60 награди.

Во оваа прилика да потсетиме само дека македонскиот кандидат за Оскар, „Медена земја“ ги собра аплаузите на три континента. Притоа овој магичен филм, кој рапидно го зголемува бројот на свои фанови, се закити со голем број на  престижни награди од реномирани филмски фестивали, како што се Санденс, Интернационалниот фестивал во Сао Паоло, и многу други.

А со наградата „Лукс“, Европскиот парламент му се поклони на македонскиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“.

            И секако тука, треба да се споменат и другите филмови како што се најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“,кој беше прикажан на етаблираниот филмски фестивал во Рим. Потоа, „Извидник“ на Алекс Цветков, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куртим Бектеши, и други, кои имаа свои проекции на важни филмски фестивали.

На вчерашниот настан, Агенцијата за филм за прв пат ја промовира  публикацијата за постигнатите резултати, настани и активности за измината година,  „Факти и бројки“. Оваа публикација, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија ја најави како редовна тековна активност, подвлекувајќи дека нејзиното издавање претставува тотално скенирање на целокупната годишна работа на оваа наша значајна културна институција.Во согласност со своите надлежности, а заради транспарентност и отчетност пред јавноста,  во публикацијата е образложена распределбата на сите финасиски средства за работата на Агенцијата за филм во 2019 година. Тука е содржан целокупниот приказ на сите поддржани филмови и сите проекти од национален интерес. Застапен е и бројот на завршени филмови, учеството на тие филмови на филмските фестивали, добиените награди, како и информации за сите позначајни активности. Публикацијата, која е двојазична и на македонски и на англиски јазик,и која беше поделена на значајните гости од филмскиот свет, ќе биде дистрибуирана до сите релевантни институции и медиуми, а ќе биде достапна и во електронска верзија на веб страницата на Агенцијата.

            Со пораката „За уште предизвици и огромен успех на македонскиот филм во 2020! Продолжуваме!“ со голема возбуда се чекаат новите подвизи на македонската кинематографија, на која светските филмски хоризонти и се широко отворени.

Инаку, настанот „Во наша режија“ беше со хуманитарен карактер за иницијативата „Топол дом за сите“. Собраните финасиски средства ќе бидат донирани за реновирање на живеалиштата за деца што живеат во тешки услови.