МАЛЦИНСКА КОПРОДУКЦИЈА ПОДДРЖАНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ СО НАГРАДА НА БЕРЛИНАЛЕ-РОМАНЕЦОТ КРИСТИ ПУЈУ НАЈДОБАР РЕЖИСЕР НА „ENCOUNTERS” ЗА „МАЛМКРОГ“

Успесите продолжуваат,овој пат во вид на многу значајна награда. Популарниот романски режисер Кристи Пују ја понесе наградата за најдобра режија за својот најнов филм „Малмкрог“ на новата секција „Encounters” во рамките на јубилејното 70-то издание на еден од најреномираните филмски фестивали во светот „Берлинале“.

Радоста е голема бидејќи филмот „Малмкрог“ како малцинска коопродукција е поддржан од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Како македонски копродуцент се потпишува продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“ и ова претставува уште еден голем  успех за оваа наша продуцентска куќа.

„Во селекцијата се натпреваруваа 15 филмски остварувања и тричленото жири додели три награди, а една од нив му припадна на Кристи Пују. Кристи Пују е несомнено еден од најзначајните европски автори и да се биде дел од ваква една копродукција е успех и за македонската кинематографија. Агенцијата за филм и овој пат го препозна исклучителното сценарио  и секогаш интересниот визуелен пристап на овој автор и овозможи Македонија да биде дел од овој проект и повторно да се приклучиме на врвните филмски текови. На премиерата во Берлин на 21 февруари  присуствуваше и Министерот за култура Хусни Исмаили“, соопшти продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“.

Филмот беше најавуван во официјалното соопштение од Берлиналето како „патување низ времето и мислите, кој  фасцинира со прецизност и инвентивност“. Толку смел во авторскиот пристап, што граничи со експерментален филм, всушност “Малмкрог” е три и пол часовен мастер клас по режија.

Филмот е копродукција помеѓу Романија, Србија, Швајцарија, Шведска, Босна и Северна Македонија. Главен продуцент е Мандагора од Романија.

Најновото филмско остварување на познатиот романски режисер Кристи Пују од страна на стручните авторитети на „Берлинале“ е оценето како остра критика на нашето време.

Кристи Пују своето филмско дело во кое се јавува како сценарист го именува по село во Трансилванија и го заснова врз основа на текст на рускиот филозоф Владимир Соловјев.  Гостите во дворот на значајниот човек Николај дискутираат за смртта, Антихристот, историјата и правото, прогресот и моралноста.

Македонската продукциска куќа „Сестри и брат Митевски“ има историја на успешна соработка со режисерот Кристи Пују како копродуцент на филмот „Сиера Невада“ кој во 2016 година беше во официјалната селекција на престижниот Кански филмки фестивал.

Да потсетиме, минатата година филмот кој беше финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија „Господ постои, името и е Петрунија“  на режисерката Теона Стругар Митевска ја имаше својата светска премиера во главната програма на 69-тото издание на Берлиналето и освои две награди од независното жири, “Ecumenical” и “Guild Film Prize”.