ЗАПОЧНУВА СНИМАЊЕТО НА ХРВАТКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ТАЈА НОСЕШЕ ЦРЛЕНА ШАМИЈА“

Ве известуваме дека филмот „Таја носеше црлена шамија“ („Nosila je rubac črleni“), хрватско-македонска копродукција во режија на Горан Дукиќ утре, 30.6.2020 започнува со снимање во Хрватска. Ова е прв проект каде Северна Македонија се јавува во улога на копродуцент за кој е најавено отпочнување на продукција овој месец, по неколкумесечната стагнација која беше предизвикана поради КОВИД -19.

Приказната, по сценарио на Сандра Антолиќ, го следи семоќниот и сезнајниот наратор Исус Христос, не помалку сезнајната тетка Анка и љубопитната прасица Беба, кои се главните ликови на оваа романтична рурална комедија со пеење, сместена во питомото Загорје во воените 1990-ти. Со ситниот вез на слатко-горки заплети доминираат драмата на првата свинска љубов во време на воздушна тревога и дефектот на една фризерска хауба насред полузавршена фризура.

Филмот е во продукција на Швенк (Хрватска), а македонски ко-продуцент е Вертиго Висуал.