„СЕСТРИ“ НА ДИНА ДУМА СО СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА ОД ЖИРИТО НА ПРЕСТИЖНИОТ КАРЛОВИ ВАРИ

„Сестри“ – дебитанскиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума, во продукција на Лист продукција ja освои престижната СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА ОД ЖИРИТО во програмата „Источно од Западот“ (East of the West) на 55. издание на Карлови Вари – најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.

“Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.

Честитки на оваа мнозински женска филмска екипа! Инаку успехот на “Сестри” го гледам и како потврда за довербата што Агенцијата за филм во последните години им ја укажува токму на дебитантите, поддржувајќи ги на сите конкурси. “ – истакна Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

“Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија во 2017 година, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.