РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ КОН КРАЈОТ НА ЈУЛИ

Агенцијата за филм, бележи сигурен подем во своето работење, а новиот слоган “Нов филмски бран” – подразбира дека ќе се поддржуваат млади, талентирани филмаџии и ќе се залага за поцврсто мапирање во европската кинематографија поради квалитетот и стандардот на кој се инсистира. За тоа говорат многубројните награди во изминатите три години, пласманите на фестивалите и изнедрувањето на новите кадри. Оваа година поради кризата со Ковид-19, конкурсот на Агенцијата се стави во мирување за време на прогласената вонредна состојба, но со враќањето во новата нормала, процесот продолжува. Според Законот за Општата управна постапка, роковите престануваат да течат за време на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на истата за онолку денови колку што преостанале. Според тоа, резултатите од Конкурсот за финансирање на производство на долгометражен и краткометражен, игран, документарен и анимиран филм за 2020 ќе бидат објавени кон крајот на месец јули. Исто така, Агенцијата во соработка со Друштвото на Филмски Работници подготви Протокол за снимање филм во време на Ковид-19, кој е доставен до Комисијата за заразни болести и се чека на одобрување.

Агенцијата за филм се залага за транспарентно работење и за таа цел издаде по теркот на многуте Агенции за филм во Европа, Отчет за потрошениот буџет во 2019 “Факти и Бројки” https://project.mk/NMFA/portfolio/images/WEB_BROSHURA_2019.pdf

Она на што сме посебни горди е и статистиката во последните години во однос на дебитанти режисери, дебитанти продуценти и зголеменото учество на жени режисери и продуценти. Последните 8 проекти кои се или во завршна фаза или пред премиера, дури 6 од нив отпаѓаат на дебитанти режисери и продуценти”, изјави Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.

После историскиот успех на македонската кинематографија во 2019  со “Медена земја” (Тамара Котевска и Љубомир Стефанов),

но и “Господ постои нејзиното име е Петрунија” (Теона Митевска), македонските филмови освоија повеќе од 60 награди, 2020 е година кога повторно сме на Санденс со “Налепница” на Георги Унковски, “Снежана на крајот умирa” на Кристијан Ристевски ќе биде прикажан во рамките на фестивалот во Карлови Вари, а на е-павилјонот на Канскиот фестивал Македонија ќе презентира 8 играни филмови.